Македонија

Смир-смир: Беса Адеми ќе доаѓа на седници, Судски нема да ја разреши?

Беса Адеми ќе доаѓа на седници, Судски совет нема да ја разреши. Ова е очекуваниот епилог на седницата закажана за утре (среда), според извори на „Скопје1“. Извештајот е завршен и е ставен на дневен ред. Примирјето помеѓу „завојуваните“ страни е веќе извесно, ако се има во предвид дека Адеми се појави на последната седница, каде зеде и свое учество во дискусијата. Острата реторика помеѓу членот на Судски совет, Миљазим Мустафа и Адеми се смирува, а откако странскиот фактор отворено му кажа на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека е неприфатливо политичко влијание врз претседателката на Врховен суд.

Промените во однесувањето на Адеми дојдоа брзо. По низа пропуштени седници, таа седна во клупите на Судски совет, па дури и расправаше по дел од точките кои се однесуваа на времено прекинување на судиски функции, по барање на судии. Седеше од почетокот до крајот на седницата, а судир со нејзиниот колега Мустафа немаше.

Членот на Судски, Миљазим Мустафа, во политичкиот свет се смета за кадар на ДУИ. Тој бил советник на тројца министри од редовите на оваа партија, а истиот, иницираше разрешување на Беса Адеми. Мустафа немаше забелешки за работата на Адеми како врховна судијка, ама му пречело што таа дала интервју во кое говореше за политички притисоци врз институцијата со која раководи, со цел оживување на амнестијата од Ѓорге Иванов и спас на Никола Груевски. Втора причина беше нејзиното отсуство од седници. Мустафа е член на Судски по предлог на претседателот Стево Пендаровски.

На ова имаше низа реакции, како од правната фела, така и од странските амбасадори.

Оценската мисија на ЕУ вели дека Беса Адеми не го крши законот со неодењето на седниците на Судскиот совет

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, во декември го претстави извештајот на Оценската мисија, каде 17 од 40 препораки беа за Судски совет. Во него, препорачано е претседателот на Врховен суд повеќе да не биде дел од ова судско тело, за да се обезбеди внатрешна независност во судството.

„Треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваа на состаноците на Судскиот совет, по сопствена одлука, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет и тоа не е прекршување на законот. Доколку министерот за правда и претседателот на Врховниот суд не се членови на Судскиот совет, треба да се обезбедат механизми за координација меѓу овие три институции, со цел подобро да се обезбеди комуникација и соработка. Тоа може да се направи и на неформален начин, како на пример преку месечни состаноци, на кои може да се разговара за одредени проблеми на судството или прашања од јавен интерес“, се вели во извештајот.

И холандскиот амбасадор се сретна со Ахмети

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп ,се сретна со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на кого му кажа дека за Холандија е неприфатливо да има политичко влијание врз претседателот на Врховниот суд.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети да му пренесе порака дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија на членството во ЕУ е во ризик ширум политичкиот спектар. Исто така, несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседател на Врховен суд, што е судско прашање, е неприфатливо и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, соопштија од Холандската амбасада во Скопје за средбата.

Извештајот ќе ја скрои иднината на Адеми

На 17 јануари, во Судскиот совет ќе се донесе конечната одлука – ќе биде ли Адеми разрешена или ќе остане во Врховен суд до крај на мандатот. Советот прво ќе каже дали е за запирање на постапката – за ова треба седум гласа. Доколку не ги добие, ќе се гласа за изрекување на некоја од мерките – парична казна, разрешување, укор, опомена.

На почеток