(Видео) Николовски се караше со новинари оти го прашаа за чичко му и внук му вработени во М-НАВ
Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, жестоко реагираше на новинарка која праша како неговиот внук и чичко се вработени во М-НАВ. Тој наместо одговор, ја поучуваше новинарката што треба да прашува, па ѝ посочи да го промовира земјоделството и мерките на неговиот ресор. Вработувањето на чичкото го оправда така што кажа дека не станува збор за непотизам, бидејќи тој бил вработен во М-НАВ пред Николовски да биде роден. Но, за вработувањето не кажа збор.
„Жалам што наместо да се интересирате за темите за земјоделие, се обидувате да ширите невистини и лаги. Жалам што во 2023 година имавме над 100 проекти, не се испромовира тоа што работеше овој тим. Чичко ми работи таму пред да бидам роден. Зарем некој што не е роден може да влијае? И тоа ви е најбитната тема, наместо да информирате она што граѓаните ги интересира?“, реагираше Николовски.
Новинарката реагираше дека тоа е прашање од јавен интерес, а тој ѝ рече: „Полека!“.
Откако новинарите изразија незадоволство и кажаа дека жалат што Николовски е нервозен поради прашањето, тој рече: „Воопшто не е нервоза“. На реакцијата дека токму премиерот Димитар Ковачевски кажал дека М-НАВ станала семејна фирма, Николовски се огради и кажа да се обратат таму.
„Не ме интересира било кој став, за било која фирма, од било кого даден“, рече Николовски.
Министерот негодуваше оти новинарите не му дошле на брифинг.
„Малку повеќе треба да обратите внимание, на тоа што министерството го реализира“, додаде Николовски.
Роднините на Николовски и Незири работат како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација“, објави „Код“.