Магазин

(Видео) Филмот „Једини“ за Тоше премиерно во Крушево – како сиромашното момче стана ѕвезда која блеска и денеска

Документарецот „Једини“ (Единствен) посветен на Тоше Проески, зад кој се потпишува Катерина Миловановиќ од српската „Прва Телевизија“, беше премиерно промовиран во Крушево, ден по неговиот роденден. Ладната сала во Младинскиот културен центар за момент стана сала на солзи. Како што најблиските пријатели на Тоше ги раскажуваа приватните моменти, а соработниците раскажуваа како настанувале големите хитови, така се нижеа емотивни нагони. Во документарецот, се зборува за детските денови на Тоше, моментите со пријателите, неговата желба за живот без слава, хуманоста, но и тешките моменти со семејството кое било на прагот на сиромаштијата. Миловановиќ со нејзиниот тим специјално дојде во Крушево за промоцијата. Беше придружувана со единствениот медиум во салата, покрај „Скопје1“. Се заблагодари на сите.

„Кажавте многу. Морам да се заблагодарам на сите кои сте овде. Гледам многу лица кои учествуваа во изработката на филмот и многу ми е драго за тоа. Фала што ги споделивте вашите спомени и чувствата кои долго ги чувавте, што дозволивте да ги видиме снимките и сликите прикажани во филмот за првпат. Беше задоволство да се работи овој филм. Верувам дека на најдобар начин успеавме да го прикажеме балканскиот ангел“, рече Милановиќ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Скопје1 / Skopje1 (@skopje1mk)

Моментите со Тоше и неговата приватност ја сподели Јован Шапе, другар на нашата музичка легенда, со кого ги поминал деновите во училишните клупи. Меѓу другото, раскажа и за организацијата на концертот со минимални финансии, но без откажување. Цитати од Дора Проеска, сестра на Тоше, во кои таа раскажува како тој имал проблеми со очите, а тие имале пари само за автобуски билет кога го носеле на доктор во Прилеп – донесе емоционална бура кај сите присутни.

„Еден ден пред да одиме на вежби за видот, со мајка ми влеговме во продавница. Пред нас, човек купуваше кикирики во вакуум. Тоше ја праша мајка ми: ‘Дали еден ден кога ќе имаме пари, ќе ми купиш вакви кикирики?’. Никогаш не бараше многу беше свесен дека семејството ни е многу сиромашно. Нема – нема..“, стои во цитатот од сестрата на Тоше.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Скопје1 / Skopje1 (@skopje1mk)

Најпознатото место во Крушево каде Тоше поминувал многу моменти е „Планет“. Имало дупка на кровот, која тој ја поправал, а до неа, негов потпис. Пријателите токму во истото кафуле, ги споделија снимките и фотографиите направени со Тоше. Во филмот зборува и вујкото на нашата ѕвезда, Тоше.

Жељко Самарџиќ споделува како се запознале со Тоше и ја покажа првата касета која ја добил од него. Андријана Јаневска за моментите кога настанала несреќата и неверувањето дека Тоше го нема. Александар Митевски за моментите во неговото студио каде се снимаше и „Македонија навива за нас“. Глигор Копров за настанувањето на песната „Усни на усни“. Текстописецот Огнен Неделковски меѓудругото посочува: „Македонската музика не може да се опорави“. Новинарката Соња Алексовска, која напиша и книга за Тоше, исто така раскажа многу за него.

Од првиот настап до последниот концерт, сите снимки се дел од овој документарен филм. За наградата „Златна бубамара“, во него зборува и Ранко.

Документарниот филм е преведен на македонски јазик. Засега нема најава за емитување во Македонија. Но затоа, своја телевизиска премиера ќе има на српска „Прва“, утре (недела), во 18:50.

На почеток