Нови детали од истрагата за Вања: Се бара реконструкција, сослушани клучни сведоци – ќе има ли нов тек на случајот
Реконструкција на киднапирањето на Вања Ѓорчевска со кое ќе се утврди релевантноста на исказите и ќе се докаже дека таткото Александар Ѓорчевски немал вина, бара адвокатот Владимир Туфегџиќ. Тој во изјава за „Скопје1“ посочува дека изминатиот период се сослушани клучни сведоци кои биле во контакт со таткото во критичниот период кога Вања беше киднапирана и убиена. Тврди дека од обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска не добиле ниту еден доказ од кој може да потекнува сомнението дека таткото учествувал во чинот на киднапирање.
„Со проактивниот пристап на одбраната до сега се сослушани сите клучни сведоци кои биле во комуникација со таткото на детето во критичниот период. До сега ниту на мене ниту на мојот клиент не ни е презентиран ниту еден вербален или материјален доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело кое му се става на товар“, вели Туфегџиќ за „Скопје1“.
Упатено е обвинителката да направи реконструкција на настанот, бидејќи според адвокатот, на тој начин, ќе се утврди дали исказите против таткото се релевантни.
„Очекувам Јавниот обвинител да превземе дејствие реконструкција на настанот во и околу зградата на ул. Наум Наумовски Борче, бидејќи само на тој начин, со непосредно забележување и опис на дејствијата на лице место може да ја утврди и провери релевантноста на досега изнесените наводи кои се однесуваат на таткото на детето. Реконструкцијата може да биде направена компјутерски заради комплексноста на самата локација. Убеден сум дека со оваа постапка е направена уште една голема трагедија но времето е најголем сојузник до вистината“, посочува адвокатот Туфегџиќ.
Тој се сомнева дека поради недостаток на докази, притворот за таткото на Вања ќе се правда со потребата да се заврши екстрадицијата на осомничениот за организација и реализација на двете убиства, Љупчо Палевски.
„Во наредниот период Јавното обвинителство веројатно ќе ја правда потребата од мерката притвор поради фактот што сѐ уште не е екстрадиран Љупчо Палевски, за чија екстрадиција не сум убеден дека ќе оди со динамика како што тоа во јавноста се обидуваат да го претстават политичките чинители, особено сега во предизборниот период. По однос на ова прашање не добивме одговор од надлежните, дали Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор или во привремен затвор како што е објавено во јавноста, бидејќи екстрадиционата постапка не познава категорија привремен затвор“, додаде Туфегџиќ за „Скопје1“.
Според него, прес-конференцијата на Оливер Спасовски и Гаврил Бубевски, создала амбиент за линч на таткото. Туфегџиќ е дециден дека некој имал мотив таткото да го прикаже како проблематичен случај.
„После онаа несреќна и непрофесионална прес конференцијата на министерот и Јавниот обвинител, на која се изнесени низа нелогичности и претпоставки и се создаде амбиент на колективен јавен линч на таткото на детето, се надевам дека во текот на постапка ќе го добиеме одговорот на клучното прашање а тоа е кој, зошто и со кои аргументи имал мотив уште од првиот ден таткото на детето да биде прикажан во јавноста како проблематичен социјален случај, иако однапред се знаело дека тоа нема врска со вистината, а неговото семејство е познато и пристојно финансиски ситуирано“, додаде адвокатот.
Според него, ова е важно прашање, па потсети и дека политичари создавале простор за сатанизација на Ѓорчевски. Во тој период, фотографија од таткото објави и актуелниот пратеник од СДСМ, Мартин Костовски кој за осомничениот меѓудругото напиша: „… ти не си татко, ти си р’ѓa монструозна“.
„Ова е клучно прашање на кое одговор треба да дадат и некои актуелни политичари кои со објави на своите ФБ профили имаат огромен придонес во создавањето на ваквиот амбиент на сатанизирање и јавен линч“, додава Туфегџиќ.
Истрагата за двете убиства и натаму е во тек. Обвинителстовото ги доби двата обдукциски наоди за убиствата, но не сподели ништо со јавноста. Се молчи и за фактот дали е најдено оружјето со кое се убиени Вања и Панче, а истовремено, обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска презема и други истражни дејствија.
Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција. Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.