Македонија

Немало тепачка, туку турканица: Што се случувало во „Мош“, каде полицаец се „судри“ со колега

Немало тепачка туку турканица во кафе-барот „Мош“, кога полицајци влегле да прават претрес за пронаоѓање на наркотични средства, дознава „Скопје1“. Очевидци тврдат дека драмата се случувала околу полноќ, а сѐ се одвивало на едно од сепареата. Полицаецот Ивица Бисовски кој не бил на должност, во критичните моменти бил во објектот, а лицето кое пријавило дека бил нападнат му се доближил и почнала вербална расправија.

Според неофицијалните информации на „Скопје1“ од очевидци, претресот се одвивал непречено и проверувани биле повеќемина од гостите. Кога полицајците се доближиле до сепарето каде бил Бисовски, започнала тензичната атмосфера. Расправијата се преточила во физички подбутнувања, по што Бисовски му ја фатил раката на полицаецот, што бил физички контакт кој МВР во билтенот го карактеризира како „физички напад“.

Полицајците дојдени да го претресат локалот му кажале на Бисовски дека ќе го приведат поради неговиот однос, на што, тој не давал отпор. Потоа, следувало и апсењето. Сето ова се случувало пред десетици гости во локалот, а акцијата била прекината, сосе претресите.

„Скопје1“ побара информации од МВР, доколку имало физички напад, какви повреди има нападнатиот полицаец, на што очекуваме одговори.

Дополнителниот заменик во МВР прв се „пофали“ дека е згрозен

Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер во МВР прв обзнани дека имало инцидент.

„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално.

Македонската историја не памети ваков случај на поранешен висок полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на својата службена должност.

Ова е преседан во полициското работење, повикувам максимално професионално да се расветли овој случај во интерес на граѓаните и државата!“, напиша тој

МВР со кратка информација за инцидентот

 Без никакви детали, со кратка информација МВР кажа дека се случил инцидент.

 „На 18.02.2024 во 00.40 часот во угостителски објект на подрачје на Центар во Скопје, полициски службеници Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“, велат од МВР.

Се дозна дека Бисовски е обезбедувач на Мицкоски, а лидерот го тргна од тимот

Експресно се рашири информацијата дека лицето кое попречило службеник бил обезбедувач на Христијан Мицкоски. Поради ова, од ВМРО-ДПМНЕ веднаш обзнанија дека тој повеќе нема да биде дел од тимот.

„Споменатото лице е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото не е шеф на обезбедување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.  Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници.

По ваквиот настан, истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со Претседателот на партијата.

Бараме органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секаков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ тргна во поход по поени

По 40 минути откако дополнителниот минситер во МВР напиша дека имало инцидент, прес-конференција закажа Дарко Каевски од СДСМ. Тој излезе и кажа: „Еве го ВМРО-МВРО на дело“.

„Шефот на обезбедувањето на Христијан Мицкоски тепа полицајци. Ноќеска, пред кафе барот Мош во Скопје, шефот на обезбедувањето на Мицкоски, Ивица Бисовски, физички нападнал полицаец! Иако и самиот е полицаец шефот на обезбедувањето на Мицкоски се обидел да спречи полициска акција за дрога. Затоа е тепан полицаецот, инспектор од НТШ, за борба против дрога. Напад на полицијата, напад на полицајците е напад врз државата. Станува збор за истиот Ивица Бисовски кој во време на ковид пандемијата беше заедно со Мицкоски во теретаната а потоа и во кафана на Боемска улица иако беше забрането.

ДПМНЕ секој ден го покажува своето вистинско насилничко и криминално лице. Доволни беа неколку денови откако влегоа во техничката Влада. ВМРО-МВРО е на дело, повторно. Овој скандал отвора многу дилеми за улогата на Мицкоски и ВМРО-МВРО. Очекуваме одговори од министерот Тошковски и од Христијан Мицкоски. Овој скандал мора да биде расчистен целосно. Институциите мораат да постапат и секој инволвиран да понесе одговорност. А Мицкоски да излезе пред граѓаните и да објасни“ рече Дарко Каевски, пратеник и портапрол на СДСМ.

На почеток