Тошковски за однесувањето на Џафери: Најмалку што очекувам е да се извини, ниту еден вработен не заслужува да биде така третиран
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека е непрофесионален односот на техничкиот премиер Талат Џафери кон вработените во СВР Тетово и службеничката на која ѝ објаснуваше колку време тој служел војска и каде работел. Тошковски очекува извинување од Џафери, особено по големиот број на реакции од јавноста.
„Во однос на вчерашното видео кое се појави во јавноста, а на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери ненајавено упадна во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде што во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи би сакал да го истакнам следново: Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција. Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот за време на извршување на работни задачи, токму како припадник на министерството за внатрешни работи.“, вели Тошковски за „Скопје1“.
Реакции за однесувањето на Џафери дошле до него, но и до неговиот кабинет. Посочува дека ја следи и јавноста, па додаде дека реакциите се оправдани.
„Во тој контекст сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите“, додава Тошковски за „Скопје1“.
Осуди за однсувањето на Џафери дојдоа најпрво од граѓаните, потоа и од пратеникот Драган Ковачки, но и професорката Мирјана Најчевска која го нарече „будала невидена“.
Џафери вчера беше во СВР Тетово и во една од канцелариите влезе со камери. Таму воспоставуваше ред и бркаше луѓе од просторијата.