Македонија

Политичарите лажат, бројките – не, ако нема законски измени до 18 мај – 100.000 граѓани нема да можат да гласаат, кажа Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, порача дека освен измена на Изборниот законик, нема друг начин како 100.000 граѓани да го остварат правото на глас. Според него, ако до 18 март нема законски измени, тоа ќе значи дека тие граѓани не можат да го остварат нивното право да бираат, загарантирано со Устав.

„Несериозна е изјавата имајќи во предвид дека станува збор за потреба од утврдување на можност со патните исправи со старото име, а важечки датум, да македонските граѓани го остварат правото на глас. Немаме 50 дена, бидејќи на 18 март се затвора Избирачкиот список. Ако до тој ден нема измена на законските измени, ќе биде прекршено второ човеково право – правото на глас. Се надевам дека премиер и останатите фактори во оваа држава, ќе најдат заеднички јазик и ќе ја поддржат иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за барем да не го кршиме ова право, а тоа е над 100.000 граѓани да можат да гласаат“, вели Тошковски.

Според него, согласно сегашните количини, обрасци има до прва половина од мај – ако продолжи истата динамика на печатење.

„Ако месечно произведуваме 75 до 80 илјади патни исправи, бројка драстично зголемена со претходните месеци кога имало 50 илјади, ако продолжиме така, до средината на мај ќе се исцрпат обрасците“, додаде Тошковски.

Тој кажа дека работат во насока да се обезбедат обрасци до мај, за да не се прекине процесот на производство на пасоши.

„Политичарите лажат, бројките не лажат. Бројките рапидно растат во споредба со претходниот месец, граѓаните можат да ги видат. Тоа значи дека со реорганизација можело да се зголемат бројките и да има ред. Сега не е хаотично со јамболии пред полициска станица во 12 часот на полноќ“, додаде Тошковски кој тврди дека драстично се зголемува бројот на издавање на документи.

To Top