Самка ќарува државни 29 милиони денари: му застаре долгот благодарение на законот кој го иницираше како пратеник
Државата барала да наплати 29 милиони денари од фирмата „УНИУС-ИС“ на експратеникот Самка Ибраимоски, но тоа нема никогаш да се случи, бидејќи тој го искористил законот кој сам го иницираше и долгот му е застарен. Македонија барањето за извршување го поднела во 2006 година, извршителот не успеал да наплати до 2016 година, а со новиот закон, ако долгот десет години не се наплати – се отпишува. Ибраимоски беше еден од иницијаторите на тоа долгот да застарува и да не може да се извршува по одреден период. Сепак во изјава за „Скопје1“ посочува дека целта не му била тој да се спаси. Посочува дека државата му должи нему. Но признава, по основ на застареност на извршување, се спасува од враќање на милионската сума.
ЗОШТО ДРЖАВАТА БАРАЛА ДА ГИ ВРАТИ МИЛИОНИТЕ
Пред да стане пратеник, Самка Ибраимоски тврди дека имал мотел во Тетово, кој му бил запален во 2001 година при војната. За ова поднел тужба против државата и барал обесштетување. Судот пресудил дека треба да се обесштети и оваа пресуда, која според неговите зборови станала правосилна. Тој добил средства. Но потоа пресудата подлежела на ревизија – па било одлучено дека „УНИУС-ИС“ на Ибраимоски нема право на пари и требало да ги врати.
„Прво добив пресуда за оштета поради тоа што мотелот ми беше запален во 2001 година. Кога требаше да почне наплатата, тие дадоа ревизија на правосилната пресуда. Значи мене ми платиле врз база на правосилна пресуда, не на жими мајка или чесен збор. Поради мојата политичка ангажираност направија мучка и го вратија предметот на повторно судење. На повторното судење, ми рекоа дека немам пасивна легитимација. Тоа беше чиста политичка игра“, вели Ибраимоски.
Оттука почнува и присилната наплата на парите од страна на државата.
ИБРАИМОСКИ ТРЕБА, НО НЕ ГИ ВРАЌА ПАРИТЕ
Фирмата на Ибраимоски станува должник. Државата бара да ѝ бидат вратени 29.545.277 денари како главен долг. Ова е потврдено и со пресуда од Кривичниот суд во Скопје од март 2006 година, која станала и правосилна со одлука на Апелација.
„…со решение на Врховен суд од 2004 година, пресудата од 2003 година е укината, а врз основа на таа извршна исправа, доверителот наплатил вкупно 29.545.277 денари од должникот, судот одлучи како во изреката на ова решение па предлогот за противизвршување го уважи и му наложи на доверителот во рок од 15 дена да го врати на должникот износот од 29.545.277 денари, односно износот што доверителот го добил со извршувањето во извршната постапка“, стои во пресудата изречена од Ангелина Поповска.
Доверителот Република Македонија поднесува барање за противизвршување во 2009 година, каде како должник се впишува фирмата „УНИУС-ИС“ сопственост на Ибраимоски.
„Врз основа на решение … од 2006 година на Основниот суд Скопје, уважен е предлогот за противизвршување поднесен од должникот, а сега доверител Република Македонија против доверител, а сега должникот … УНИУС-ИС ДООЕЛ Тетово со кое решение му се наложува на сега должникот да му врати на сега доверителот износ 29.545.277 денари на име главен долг. Ова решение е потврдено со решение на Апелациониот суд од 2008 година“, стои во барањето за извршување до кое дојде „Скопје1“.
СТАНУВА ПРАТЕНИК ВО 2011 И ПОЧНУВА СО БАРАЊАТА ДА ЗАСТАРУВААТ ДОЛГОВИТЕ
Самка Ибраимоски е претседател на ПЦЕР, од чија партија беше и пратеник во Собранието. Тој во изјава за „Скопје1“ посочува дека законот за застарување на долгови и стопирање на наплати од извршители го пропагирал во 2011 година – додека всушност, според документите кои ги поседува „Скопје1“ траело извршување на милионите кои државата ги барала назад. Сепак, Ибраимоски посочува дека тој не должел на државата и не се работело за него.
„Јас овој закон сум го пропагирал и сум барал во 2011 година, тогаш не се работело за мене. Нема врска тоа што јас должам на државата, јас ништо не должам“, вели Ибраимоски.
Тој самиот посочува дека сега нема долг, оти со правосилна пресуда е констатирано дека долгот застарел.
„Јас сум сопственик на фирмата, но немам долг, јас имам пресуда добиено, јас немам долг, имам пресуда дека се поништува по два основа, поради застареност и поради тоа што државата треба да ми плати оштета. Тие да сакале да ги извршат, немале да чекаат 15 години“, вели Ибраимоски.
Кога ја побаравме пресудата со која се констатира дека државата треба да му плати оштета, прво рече дека му е кај адвокатот, па најави дека дополнително ќе ја достави.
ПРИБЕЛЕШКАТА НА МОТЕЛОТ СТОИ, ТОЈ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОДАВА
Дека имало прибелешка на мотелот кој го имал Ибраимоски поради долг, потврдува и самиот поранешен пратеник. Тој посочува дека сега има поднесено и кривична пријава против извршителот.
„Има прибелешка за мотелот, сега јас барам да се избрише. Тој не ја почитува правосилната пресуда, јас пуштив кривична пријава. Јас имам пресуда дека предметот е застарен“, додава Ибраимоски.
Тој најави дека предметот ќе го тера до крај, дека ќе оди до Стразбур.
САМКА Е ПРОТИВ ИЗВРШИТЕЛИТЕ
Експратеникот се залага за примена на законот со кој долговите застаруваат, а извршителите мораат да запрат со извршувањето. Тој повикува на протести за утре во 12 часот пред Министерството за правда.
„Понесете ги извршните решенија, ќе има барања до министерството за овој закон да почне да се применува“, посочува Ибраимоски во вклучувањето во живо на „Фејсбук“.
Тој посочува: „Народот треба да ги ја земе судбината во свои раце“.