Скопје

Левица: Погубниот ДУП СЗ 16 ја доведува во сериозен ризик безбедноста на питката вода

,,Шверцерски донесениот ДУП СЗ 16 кој предвидува над 30 згради, од кои повеќето висококатници и хемиски фабрики – претставува вистински ризик по животот и здравјето на луѓето.

Имено, ДУП-от С3 16 се наоѓа во втората заштитна зона, согласно Одлука за утврдување на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец од 11.08.1999 која е сѐ уште на сила. За добивање на основни податоци за водите што го хранат ова бунарско подрачје и негова понатамошна заштита, во 1992 година е изработена Експертиза за одредување на граници на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец и определување на мерки за заштита, од страна на Градежниот институт Македонија. Врз основа на оваа експертиза, во 1999 година Советот на Градот Скопје донел соодветна Одлука за прогласување на заштитните зони и мерките за заштита.

Во втората заштитна зона на бунарското подрачје Лепенц-Нерези од технички аспект не треба да се прават ископи со кои би се оштетила слоевитоста на земјата со што би се нарушил хемискиот и бактериолошкиот состав на водата за пиење.

Вредно за напомена е дека водата од бунарското подрачје Лепенец – Нерези е со ист хемиски и бактериолошки квалитет како и водата од изворот Рашче и истата се користи за водоснабдување на Скопје кога е намалена издашноста на Рашче.

Особено е активно бунарското подрачје во летниот период.
Доколку поради ископ на темели на висококатниците опфатени со спорниот ДУП се наруши бунарското подрачје – тогаш се доведува во прашање непрекинатото водоснабдување на градот Скопје особено во летниот период.

Левица нема да дозволи спроведување на овој штетен ДУП и ќе ги искористи сите механизми за негово поништување”, велат од Левица.

На почеток