Москва гo осуди протерувањето на дипломатите од Австрија


Москва го осуди протерувањето на двајца руски дипломати од Австрија и порача дека за тоа единствено одговорни ќе бидат австриските власти.
„Русија ќе одговори на овој непријателски чекор навремено“, соопшти руското МНР.
„Руската страна најостро го осудува овој последен непријателски чекор на Виена, за чии последици целосно се одговорни австриските власти. Реципрочните мерки ќе бидат преземени навремено“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството.
Австрискиот весник „Пресе“ претходно објави дека австриското Министерство за надворешни работи на почетокот на неделата информирало двајца дипломати од руската амбасада дека ќе бидат протерани, бидејќи „нивната работа не соодветствува со нивниот дипломатски статус“.
Подоцна, дипломатското претставништво на Русија во Виена ја изрази својата огорченост од одлуката на австриското Министерство да прогласи двајца вработени во руската амбасада за персона нон грата.
Руската страна изјави дека оваа одлука на австриските власти ја смета за „чисто политичка“ и „категорично не ја прифаќа“.
