Македонија

(Видео) Со многу полиција: Урнат хангар во Ѓорче Петров, го градеа на државно земјиште без дозвола

Хангарот кој се градеше близу скопската обиколница во насока кон Тетово, на државно земјиште – утрово беше целосно урнат од Општина Ѓорче Петров. Ова доаѓа по неколку предупредувања и барања да се отстрани објектот кој е нелегално поставен, кои инвеститорот ги игнорирал. Општината избра фирма на тендер и денеска го спроведе уривањето. На местото имаше големо присуство на униформирани полицајци, кои беа распоредени околу местото.

Објектот е целосно нелегален, а станува збор за метална конструкција која е затворена со лимови. Истовремено, изградена била и друга тврда градба од бетон. Со багери – сѐ беше срамнето до темел. Лимените конструкции кои беа вадени, веднаш со камиони беа транспортирани во отпад. Кај објектот не се појави сопственикот, ниту инвеститорот.

Нелегалниот објект се протегаше на две парцели кои се државно земјиште, на површина од околу 10 илјади метри квадратни. Извршувањето на уривањето се одлагаше бидејќи предметот беше ревидиран и од Државниот инспекторат за градежништво, со кој раководи Фатмир Арифи, кадар на ДУИ.

На почеток