Македонија

(Видео) Сите 17 полицајци од „Идризово“ добија мерки: шест што чувале празен кревет одат во притвор, 11 добија забрани

Шест полицајци од затворот „Идризово“ добија притвори, а 11 други нивни колеги добија мерки на претпазливост, откако обвинителката Ивана Трајчева покрена предистрагата и истрага затоа што пуштиле затвореник да избега, дознава „Скопје1“. Судија на претходна постапка смета дека се оправдани сомневањата дека шестте полицајци можат да избегаат се оправдани, а другите 11 не смеат да го извршуваат истото работно место за да не го повторат делото или да влијаат врз доказната постапка.

Шефицата на полициското одделение при Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ивана Трајчева, посочува дека има цврсти докази против полицајците од „Идризово“ кои дозволиле осуден за убиство да избега од болницата во која се лекувал. Таа посочува дека снимките од видео надзорот кажуваат сѐ и покажуваат како се одвивало бегството. Посочува дека очекува мерките на претпазливост да и бидат уважени. Осуденото лице е најдено.

„Би ја почекала официјално одлуката, но со оглед на тоа што беше презентирано како докази и кажано пред судот, очекувам во целост да ни бидат уважени предлозите односно шест предлози за притвор и 11 предлози за определување на мерки на претпазливост“, рече обвинителката Трајчева.

Истражната постапка почнува од денеска.

„За лицата за кои се побарани определување на мерки на претпазливост (лица кои го пуштале да излегува и да се враќа во болница) предметот е во фаза на предистрага. Не би сакала да навлегувам во деталите на доказите, со цел да не ја осуетам истрагата и предистрагата, но да кажам дека во овој поглед сме сигурни дека имаме доволно докази за постоење на основано сомневање за делата за кои им ги ставаме на товар. Воедно, обезбедени се и снимки од болницата каде престојувало осуденото лице“, додаде Трајчева.

Пет полицајци помогнати од колега овозможиле бегство на лице кое е осудено за убиство. Ова го покажала истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Осудениот бил на лекување во приватна болница, па од болничката соба отишол во пушална. Полицајците заминале од просторијата, а осуденикот со автомобил избегал. За шест полицајци се бара притвор оти можат да избегаат, да кријат траги или влијаат врз сведоци.

„Според дејствијата опишани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка, на 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“ по чл.123 ст.1 од КЗ. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со ПМВ да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје.“, стои во соопштението на ОЈО-ГОКК.

Предистрагата се води за други 11 лица, дека го ослободувале осуденикот од болницата, а тој шетал и се враќал.

„Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.“, се додава во соопштението.

За овие 11 лица, се бара забрана за напуштање на живеалиште, привремено јавување на суд и одземање на патна исправа.

На почеток