Македонија

Реџеп Исмаил: ВМРО-ДПМНЕ во целост го почитува Преспанскиот договор, сè друго е само театар

Новиот пратеник во македонското Собрание, Реџеп Исмаил од Левица, смета дека за победникот на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ, Преспанскиот договор е готова работа и оваа партија не само што нема намера да го промени или целосно да го отфрли, напротив – се обидува да го почитува во целост.

Исмаил го коментираше и чинот на давање заклетва на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, која наместо Република Северна Македонија како што пишуваше во официјалниот документ, кажа само Македонија.

– Сето тоа, мене ми изгледа како театар. Инаку, честитам на онаа првична пркос да не го изговори неуставното име, Северна Македонија. Од една страна, СДСМ и албанскиве партии се загрижија дека треба да се почитува Уставот итн., но од друга страна, која е оправданоста на про-вмро јавноста? Они како да тргнаа во оправдување на Преспанскиот договор, односно во негово доследно применување. Значи, според Преспанскиот договор може да се каже Македонија, односно за нив е супер Преспанскиот договор – вели Исмаил во утринската програма на ,,Слободен печат”.

Новиот пратеник од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, истакна дека не е сигурен ниту во искрените намери на новото владејачко мнозинство, стравувајќи дека на земјава би можела да ѝ се повтори, според него, слична ситуација како во времето од владеењето на Никола Груевски.

Исмаил говореше и за релативниот успех на Левица на изборите и освојувањето на шест пратенички места во Парламентот.

– Без големи пари, но со кристално чиста идеологија и конзистентност во работата, ние успеавме да дојдеме до поголем број на гласови – посочи тој.

На почеток