Жена и дете загинаа во напад на украински беспилотни летала кај Белгород


Вооружените сили на Украина нападнаа неколку цели со беспилотни летала камикази во близина на рускиот пограничен град Белгород, а во нападот загинаа една жена и нејзиниот четиригодишен син, изјави гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков.
Тој изјави дека е извршен напад со дрон врз автомобил во кој имало возач и тројца патници – татко, мајка и дете, пренесува агенцијата ТАСС.
„Од повредите жената починала на лице место. Нејзиниот четиригодишен син им подлегнал на раните во болница“, изјави Гладков.
Во нападот полесно се повредени возачот и таткото на момчето.
Друг дрон нападна бензинска пумпа кај селото Бесоновка кај Белгород, предизвикувајќи пожар во резервоар за складирање гориво, кој брзо беше изгаснат, рече Гладков.
