Македонија

Мојсоска: Нашите пратеници никогаш нема да поддржат непринципиелни работи

За каузата на Левица зборуваше пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во гостувањето на ТВ 24.

Мојсоска го потенцираше она што често се гледа во Собрание како: трансферот на пратеници, Преспанскиот договор.

– Она што ние и го докажавме во претходниот мандат е дека не се шиткаме, дека ние не се продаваме. Нашите пратеници никогаш нема да поддржат непринципиелни работи. Нема да ги видите како гласаат за легализација на дивоградби, за промена на уставно име… Како што кажа дури и нашиот пратеник Борислав Крмов во едно интервју, уште кога беше жешка темата ,Бугари во Устав’ – ние попрво во затвор би лежеле, отколку да гласаме за Бугари во Устав – истакна Мојсоска.

Оттука, ваквиот начин на дејствување на Левица е препознат и поддржан од народот.

– Тоа е она што го препознаваат нашите поддржувачи. Таа искрена непоткупливост, таа искрена неподмитливост. Ние покажавме дека и во Собранието, за жал, кое беше сведено на едно ниво на сточен пазар, па секој пратеник си има цена, можат да влезат поединци за кои платформата, програмските заложби и идеалите се единствените принципи по кои тие делуваат – додава Мојсоска.

– И затоа, тоа што го докажаа нашите два пратеника во изминатиот мандат – како што видовте тие беа и опозиција на власта и опозиција на опозицијата кога имаше договарања меѓу власта и опозицијата, сега нам ни го донесе овој зголемен број на пратеници. Очигледно, народот го препозна тоа и народот го бара тоа во овие историски услови – поентираше првата жена – пратеничка и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.

На почеток