Пратениците си останаа во Собрание и по полноќ: долги говори на опозицијата и противење за реорганизација на министерствата
Дебатата за реорганизација на министерствата и формирање на нови, во Собранието, трае и по полноќ. Опозициските пратеници се пријавени за збор, а на говорница излегуваат еден по еден. Во салата се присутни сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Левица и СДСМ веќе најавија дека нема да го гласаат законот.
Долг говор имаше Димитар Ковачевски, за првпат како пратеник. Тој упати низа критики и кажа дека реорганизацијата на министерствата не треба да биде ваква. Потоа, на говорница излегоа и пратениците на Левица – кои посочија дека се прават низа процедурални кршења поради тоа што седницата не е закажана на време.
По него, излезе и Венко Филипче кој е пратеник. За него главно прашање е зошто предлог-законот се носи по скратена постапка, па критикуваше. По него, истото го направи и Фатмир Битиќи, па и други пратеници од СДСМ.
Собранието вечерва ја продолжи втората седница на која на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка.
Според Предлогот, на Министерството за економија ќе му биде додаден сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема да постои и ќе има посебно министерство за спорт. Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам. Меѓу останатото, ќе се формира и министерство за дигитализација кое ќе ги наследи обврските ба досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, а ново ќе биде и министерството за администрација.