Скопје

Од почетокот на годината отстранети 150 диви депонии во Скопје

Од почетокот на годинава, ЈП Комунална хигиена-Скопје се соочува со појавата на масовно непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини, особено во непосредна близина на контејнерите наменети за одлагање на комуналниот отпад.

Во периодот јануари-јуни 2024 година, екипите на Претпријатието подигнаа и транспортираа вкупно 2500 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Интервенирано е во сите скопски општини, при што се отстранети приближно 150 диви депонии.
Основната дејност на ЈП Комунална хигиена-Скопје е собирањето и транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти, коишто континуирано се реализираат седум дена во неделата, согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.

Покрај своите редовни активности, екипите на Претпријатието се секојдневно максимално ангажирани за извршување вонредни акции, како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописното и несовесното одлагање отпад на јавните и на сообраќајните површини. Во оваа насока, Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнерите, кантите или корпите за отпадоци.

На почеток