Свет

Хамас ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност за поддршка на предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа

Израел силно ја напаѓа централна Газа, семејствата кои се засолниле таму повторно бегаат

Палестинската милитантна група Хамас ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за поддршка на предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, велејќи дека е подготвена да работи со посредниците за спроведување на принципите на планот.

„Хамас го поздравува она што беше вклучено во резолуцијата на Советот за безбедност со која се потврди постојан прекин на огнот во Појасот Газа, целосно повлекување (на израелските сили), размена на затвореници, реконструкција, враќање на раселените, отфрлање на каква било демографска промена или намалување на подрачјето на Појасот Газа и испорака на потребната помош за нашиот народ во Газа“, се вели во соопштението на Хамас, пренесе Ројтерс.

Хамас, исто така, изрази подготвеност да се вклучи во индиректни преговори за спроведување на принципите кои се во согласност со барањата на „палестинскиот народ“.

Синоќа Советот за безбедност на ОН усвои американска нацрт-резолуција која го поддржува предлогот на американскиот претседател Џозеф Бајден за прекин на огнот во Појасот Газа.

Русија беше воздржана од гласањето, додека преостанатите 14 членки на Советот за безбедност гласаа „за“.

На почеток