Македонија

Сполај му на сертификатот: Пет фирми отфрлени од тендер, само чаирската за 10 милиони е компетентна да носи мебел во Царина

Царина отфрлила пет понуди, пред да ја прифати понудата од 10 милиони денари за набавка на мебел, потврдуваат и оттаму. Четири од овие фирми, понудиле и пониски цени, но ниту една го немала клучниот сертификат за да ги инкасира милионите во замена за столиците, бироата и кујната. Сертификатот, според Институтот за стандардизација е нов во правниот промет и во Македонија се имплементира од 30.12.2023 година, а не е познато кои сертификати се еквивалентни на овој.

Царинската управа не се ни потрудила да ја измени техничката спецификација, со цел да ги постигне истите ефекти, а за да не се случи неоправдано да ја ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори. Сертификатот ги парализираше останатите понудувачи, а само чаирската фирма „Макс флам“ го поседувала истиот.

„Тендерот е спроведен согласно сите законски процедури. Ве известуваме дека од добиени 6 понуди, пет од нив се одбиени поради некомплетна документација, односно истите не ги доставиле бараните сертификати за квалитет, безбедност, цврстина и издржливост, а дел од нив не доставиле ниту валидна потврда за платени даноци кон државата што е услов за прифаќање на понудите“, велат од Царинска управа за „Скопје1“.

Понудата на „Макс флам“ е втора по скапотија, ако се земат во предвид останатите понуди. „Скопје1“ праша и очекува одговор, која е фирмата која ја има поднесено највисоката понуда. Истовремено, Царина со помош на сертификатите кои ги поседува само една фирма, се правда за тоа зошто не е избрана најниската понуда.

„За понудата од 3,8 милиони денари којашто е наведена во вашиот текст беа приложени неважечки сертификати и сертификати од лабораторија која не е акредитирана, за што имаме и официјален допис од Лабораторијата за тестирање мебел при Факултетот за дизајн и технологии на мебел до коишто официјално се обративме“, додаваат оттаму.

Тие посочуваат дека ниту една од фирмите кои имале пониски цени не поднела жалба.

„Фирмата која што е избрана за најповолен понудувач е единствениот понудувач кој ја има целокупната потребна документација за понудата да биде валидна и ги поседува бараните сертификати за квалитет, безбедност, цврстина и издржливост согласно тендерската документација, за што исто така е добиена потврда од Лабораторијата за тестирање мебел“, посочуваат од Царина.

Побаравме одговор и зошто не е спроведена е-аукција со која цените на производите би можеле да бидат и пониски, на што добивме одговор: „Во однос на вашето прашање зошто набавката на канцелариски мебел е спроведена без е-аукција сакаме да ве известиме дека е постапено согласно укажувањето и препораката на Бирото за јавни набавки добиено во јануари 2023 година, договорните органи да го ограничат користењето на е-аукција“.

Извесен Игор од Царинската управа, кој контактираше со редакцијата на „Скопје1“, а не сакаше да го каже ни презимето, посочува дека наодите кои ги објавивме во текстот „Во Царина ќе се седи на „позлатен“ мебел? Избрана понуда од 10 милиони за столици и бироа, отфрлена фирма која ќе ги набавела за 3,8 милиони“ има неточни наводи, а во реакцијата нема наведено кои се тие. Тој кажа дека нив им треба подолго време од 20 минути за да дадат одговори, но иако им дадовме час и половина, тие не дадоа одговори на новиот сет прашања, меѓу кои: дали неоправдано е ограничена конкуренцијата помеѓу економските оператори, зошто немало е-аукција со оглед дека истата не е забранета, зошто сертификатот кој не го поседуваат повеќето од фирмите не се замени со други сертификати или документи за гаранција, но и како очекуваат фирмите кои биле исфрлени да се жалат на одлуката за избор на најповолен понудувач, кога е јасно дека не го поседуваат сертификатот кој го има само чаирската фирма.

Царинската управа ќе набавува столици поскапи и за 300% од вообичаената пазарна цена, преку договорот вреден над 10 милиони денари. Директорот во заминување, Стефан Богоев, успешно го заврши тендерот со кој набавува канцелариски мебел и кујна. Со него, Царина ќе добие нови канцелариски ротирачки столици на тркалца, конференциски столици, канцелариски бироа, конференциски маси, ормари и кујна.

На тендерот имало шест понуди, најниската понуда била 3,8 милиони денари. Не се познати понудите на другите фирми, но и дали учествувале на тендерот или биле отфрлени. Среќлија била фирмата „Макс флам“ од Чаир, која ќе го набави мебелот за Царинската управа. „Скопје1“ направи споредба на цените по кои фирмата која го доби тендерот треба да ги наплати производите, со цените за исти или слични производи на пазарот.

На почеток