Македонија

Лично ќе се залагам сомневањата за злоупотреби да се расчистат, младите да останат дома, да немаме егзодус на доктори, најави Мицкоски

Мандатарот Христијан Мицкоски даде изјава откако го достави својот предлог за состав на Владата. Најави дека озбилно планира да се расчисти со сомневањата за злоупотреби кои се случувале изминатите седум години. Тој кажа дека за ова лично ќе се залага.

„Очекувам дека секој од нив максимално ќе се заложи и ќе даде повеќе од својот капацитет за своите граѓани. Граѓаните своето го направија, сега е ред ние да направиме нешто за нашите граѓани“, рече Мицкоски.

Според него, бизнисот треба да се чувствува сигурно. Рече дека Владата ќе биде сервис за остварување на нивните права.

„Владата е цврста и стабилна“, додаде Мицкоски.
Се осврна и на младите кои рече дека ќе бидат нивни акцент.

„Имаме класичен егзодус, младите ја напуштаат Македонија и ја бараат иднината надвор од тука. Осум од десет студенти кај мене ми велат дека планираат по студирањето да ја напуштат Македонија. Перцепцијата треба да ја променат“, додаде Мицкоски.

Најави дека целта ќе биде да нема граѓани од втор или трет ред.

„Тоа нема да се случува, лично го гарантирам“, посочи Мицкоски.

Посочи дека верува во секој еден од предложените министри. И на пензионерите им вети зголемување на пензиите, уште во првата година за 5.000 денари.

На почеток