(Видео) Македонија доби нова Влада, чиј премиер е Христијан Мицкоски
Со 77 гласови „за“, 22 гласови „против“ и без воздржани е изгласана новата Влада, чиј премиер ќе биде Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ова е последна шанса за Македонија да биде повторно горда. Во говорот кажа дека нема да се откаже од враќање на старото име на државата, без придавката „северна“. Говорот му беше поздравен со аплауз.
Европскиот фронт предмалку донесе одлука да ја напушти седницата и да не учествува во гласањето за избор на нова Влада предвбодена од мандатарот Христијан Мицкоски.
Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска Димитриеска. Функцијата на заменик претседател на Владата и министер за транспорт треба да ја добие Александар Николоски, во ресоротот одбрана се предлага Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.
Со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, Цветан Трипуновски ќе го добие Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска ќе биде прв човек во образование и наука, кандидат за во Министерството за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а со Министерството за спорт ќе раководи ракометарот Борко Ристовски.
Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ – вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
На министерската функција во правда треба да дојде Игор Филков, додека за министер за јавна администрација е предложен Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.