Започнува Охридскиот вински фестивал – Ohrid wine festival 2024
Охрид е подготвен за третото издание на Ohrid wine festival што од 27-ми до 29-ти јуни ќе се одржува на кеј „Македонија“ пред хотел „Палас“.
Градоначалникот Кирил Пецаков на денешната средба со новинарите истакна дека фестивалот полека но сигурно зазема место и ја разубавува туристичката разгледница на Охрид.
– Овој фестивал како и Оhrid water festival, се одраз на нашите големи желби за поголема туристичка промоција на Охрид и Охридското Езеро. Очекувам трите фестивалски ноќи да донесат гости и туристи од земјава и странство, а годинешното издание да биде успешно бидејќи музичките ѕвезеди кои ќе настапат, тоа и го ветуваат. Во трите фестивалски ноќи ќе настапуваат и стенд ап комичарите Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски- подвлече градоначалникот Пецаков.
Пане Темов од организацискиот одбор на фестивалот се осврна на програмскиот дел.
– Во четврток ќе настапат „Backdoor band“, Миле Кузманоски и групата „Куку леле“. Во петок „Urban Planet“, „NEXT TIME“, „BRASS BROTHERS“ . Саботната вечер е резервирана за „Балканико“, групата „АРЕА“ и Влатко Лозановски – рече Темов.
Фестивалот се одржува со поддршка на Општина Охрид, а во организација на CRAFT продукција.