Стефана Димитрова и Даријан Кочоски се младенци на годинашната „Галичка свадба“


Стефана Димитрова и Даријан Кочоски се невеста и зетот на годинашната Галичка свадба која ќе се одржи претстојниов викенд. Младенците ќе се венчаат во недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.
Галичко потекло има невестата Стефана, која на прес-конференција денеска рече дека е преплавена од емоции, чувствува среќа и возбуда и е почестена што со Даријан годинава ќе бидат младенци на Галичката свадба.
,,Верувам дека правилно ќе ја почувствуваме и ќе ја пренесеме галичката традиција која ни е оставена во наследство од нашите предци. Не треба да дозволиме нејзино искоренување. Ова беше моја желба, но многу е важно кој ми ја исполни таа желба – му благодарам многу на Даријан што уште еднаш ми покажа што значи вистинска љубов и разбирање.”, истакна Стефана Димитрова.
Нејзиниот сопруг Даријан Кочоски рече дека со задоволство прифатил да биде зет на годинашната манифестација која секоја година ја посетуваат многу домашни гости, но и странски туристи. Се заблагодари на организаторот, Месната заедница Галичник, што ги избрала токму нив да бидат младенци на „Галичката свадба 2024“.
