Македонија

Во следните часови доаѓа ново невреме во Македонија, апелираме на крајна претпазливост

Како резултат на поладен атмосферски фронт во горниот слој од атмосферата, денес (петок) во попладневните и во вечерните часови повторно во Македонија растат условите за развој на грмотевични облаци кои ќе условат појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во ваква ситуација локално повторно ќе има појава на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер како и со појава на град.

Најголеми услови за појава на невреме има во западните и во северозападните предели од државава, потоа во делови од Скопската котлина, во централните предели од Македонија, како и на југоистокот и истокот од Македонија. Се на се, локална појава на невреме ќе има на повеќе места во Македонија.

Апелираме во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Што се однесува до температурите, тие до крајот на денов повторно ќе бидат екстремно високи и ќе се искачуваат во интервалот од 34 до 41 степени, додека во Скопската котлина таа ќе се искачи до околу 40 степени.

To Top