Македонија

Дигиталната инфраструктура во фокусот на средбата на Министерот Андоновски со претставници на реномираната Rumble

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, Гоце Димовски, директорот на ДТИРЗ заедно со претставници на академската заедница, оствари средба со претставници од компанијата Rumble.

Клучни теми на разговорите беа конкретни можности за соработка и инвестиции во дигиталниот сектор во Македонија. Во тој контекст, беше дискутирана можноста за партнерство со Rumble за изградба на современи национални центри за податоци што како иницијатива би придонела за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците. Исто така, беше разгледана соработката и во однос на проширувањето на дигиталната инфраструктура и поврзаноста, со цел Македонија да стане лидер во регионот по распространетост на брз и широкопојасен интернет.

Министерот Андоновски истакна дека приоритетите на Владата се целосно усогласени со предложените области на соработка. “Нашата визија за подостапни електронски јавни услуги, распространетост на брз и широкопојасен интернет, безбедни податоци на граѓаните и подобрена дигитална инфраструктура може значително да се унапреди преку соработката со Rumble. Искуството на г-дин Крис Павловски и неговиот тим е од непроценливо значење за забрзување на нашата дигитална трансформација”, рече Андоновски

Rumble има експертиза и ресурси кои можат значително да го забрзаат напредокот на Македонија во дигиталната сфера, а инвестициите во дигиталната инфраструктура се клучни за нашиот економски раст и конкурентност. Соработката со компании како Rumble не само што ќе привлече значителен капитал, туку и ќе донесе најсовремени технологии и знаења во нашата земја.

Министерот Андоновски ја истакна и важната улога на македонската дијаспора во овој процес: “Успешни бизнисмени како г-дин Павловски се мост меѓу Македонија и глобалната технолошка сцена. Нивната активност и инвестиции се од суштинско значење за нашиот напредок.”

To Top