Скопје

Скопје денес одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес

Скопје денес ќе одбележи 61 година од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година. Во земјотресот кој се случи, животот го загубија 1070 лица, а 3000 беа повредени. Трагедијата засекогаш го смени изгледот на градот под Водно и судбината на неговите жители. Беа урнати 15. 800 станови, а оштетени 28. 000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.

Во Музејот на град Скопје вечерва во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“ чиј автор е Зоја Богдановска, која е кустос советник историчар во Музејот.

Во Музеј на современата уметност во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, вечерва во 21 часот, во рамки на Летното кино под тремот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка.

По завршувањето на проекцијата, предвидено е дружење со музика.

Во Кинотека на Македонија скопјани ќе можат да погледнат неколку кратки македонски филмови посветени на скопскиот земјотрес.Проекциите почнуваат во 20.30 часот, а ќе бидат прикажани пет кратки филмови и тоа „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје“ и „Катастрофа, страдања, надежи“.

Од Град Скопје нема најавено никакви содржини за одбележување на денот.

„Скопје не е филм, не е трилер каде што го погодуваме главниот настан. Скопје е концентрација на човековата борба за слобода, резултат кој инспирира понатамошни борби и неприфакање на поразот”, ќе напише Жан Пол Сартр таа 1963 година…

To Top