Нова саботажа во Франција: Погодени телекомуникации во шест области
Франција е погодена од нова рунда саботажни акти, овојпат насочени кон телекомуникациските оператори, соопшти полицијата.
Оптички мрежи на повеќе оператори биле „саботирани“ во шест области на Франција, соопшти полицијата.
Главниот град Париз, кој во моментов е домаќин на Олимпијадата, не беше погоден.
Вандализирани се инсталациите на француските телекомуникациски компании SFR и „Bouigues Telecom“, објавија францускиот весник Le Parisien и TV BFM.
Netblocks соопшти дека податоците покажуваат прекини на повеќе даватели на интернет услуги во Франција.
Францускиот државен секретар за дигитални прашања Марина Ферари ги потврди вандалските дејствија извршени во неделата вечерта.
Ферари рече дека Одбранбениот центар за електронски комуникации работи со операторите додека комуникациите и услугите не бидат целосно обновени, под нејзин надзор.
„Најостро ги осудувам овие кукавички и неодговорни постапки“, напиша Ферари на мрежата Х.
Францускиот телекомуникациски регулатор ARCEP соопшти дека вандалските дејствија погодиле околу 11.000 клиенти, главно од SFR и Free.
Покрената е истрага за инцидентот.