Македонија

Андоновски: Дигиталната отпорност гарантира вистинска дигитална трансформација

Стартува работната група за изработка на новата Национална Стратегија за сајбер безбедност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го означи официјалниот почеток на работата на работната група за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија, за периодот 2024-2028 година.

“Сајбер безбедноста е клучен аспект на националната безбедност и стабилност во ерата на рапидна дигитализација. Новата Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети во оваа област. Нашата визија е да создадеме безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество”, истакна Андоновски.

Зборувајќи за ризиците, но и за предизвиците, беше посочено дека изминатиот период бевме сведоци на зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како во нашата земја, така и во регионот. Статистиките се загрижувачки, при што во 93% од случаите, надворешен напаѓач може да го пробие мрежното опкружување на организацијата, дури 43% од сите прекршувања се инсајдерски закани, било намерни или ненамерни, а во просек, само 5% од податоците на компаниите се соодветно заштитени.

„Немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност“, нагласи Андоновски.

Во своето обраќање, министерот Андоновски посочи дека целиот процес на изработка на Стратегијата ќе се води со највисоко ниво на транспарентност, а се планира да се организираат јавни консултации, работилници и дебати во текот на целиот процес, со цел постигнување на инклузивност во изработката на Стратегијата. Дополнително, беше истакнато дека оваа Стратегија ќе се развива во согласност со принципите на ЕУ и НАТО, како и со меѓународните обврски на земјата.

Владата на Република Македонија ја препознава клучната важност на сајбер безбедноста за нашиот национален развој и просперитет. Токму затоа, ова прашање е високо на нашата агенда и е интегрален дел од нашите напори за дигитална трансформација на општеството. Министерство за дигитална трансформација е целосно посветени на создавањето на сеопфатна сајбер безбедносна инфраструктура. Нашата цел е не само да реагираме на заканите, туку и проактивно да ги антиципираме и спречуваме потенцијалните ризици, беше заклучено од страна на Андоновски.

На почеток