Почина и третото девојче кое беше избодено во Англија, пет деца во кома
Деветгодишно девојче почина во болница по напад со нож вчера во Саутпорт, потврди полицијата.
„За жал, можеме да потврдиме дека третото дете почина како резултат на повредите здобиени во напад со нож во Саутпорт вчераутро. Деветгодишно девојче почина во болница во раните утрински часови“, соопшти полицијата од Мерсисајд.
„Можеме да потврдиме дека во вчерашниот напад загинаа и шест и седумгодишни девојчиња. Осум деца се здобиле со убодни рани при нападот, а пет од нив се во критична состојба. Двајца возрасни исто така се во критична состојба откако се повредени за време на инцидентот“, се додава во соопштението за медиумите.
17-годишник од селото Бенкс во Ланкашир е уапсен и задржан под сомнение за убиство и обид за убиство. Селото, кое се наоѓа недалеку од Саутпорт, од вчера е под полициска опсада.
Полицијата вчера околу 11:50 часот по локално време добила пријава за напад со нож. Нападот се случил за време на детска работилница која вклучувала танц и јога. Итната помош испратила 13 амбулантни возила, а полицијата брзо го фатила напаѓачот и му го одзела ножот.