Путин го прими кинескиот премиер во Москва: Имаме долгорочни планови


Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ги истакна блиските врски меѓу Москва и Пекинг на средбата со кинескиот премиер Ли Кианг, на која и претходеше потпишување билатерални договори во енергетскиот сектор. „Нашите земји разработија долгорочни заеднички планови, како во економската, така и во хуманитарната сфера“, рече Путин, а пренесе државната агенција ТАСС.
Нашите трговски односи се развиваат успешно“, рече и Путин, пренесува Интерфакс. „Вниманието што двете влади го посветуваат на економските и трговските односи покажува резултати“, додаде тој.
Пред средбата со Путин, Ли разговараше со рускиот премиер Михаил Мишустин. Путин рече дека Мишустин и Ли „потпишале голем број билатерални договори насочени кон подобрување на соработката“, со главен фокус на енергијата.
Мишустин рече дека Русија е најголемиот снабдувач на Кина на нафта и додаде дека „во блиска иднина ќе го заземе првото место и за природен гас“. Путин последен пат ја посети Кина во мај. Двете земји делат антагонизам кон Западот, а во последните години се зближија и прогласија стратешко партнерство.
Сепак, многу набљудувачи веруваат дека економската велесила Кина го има главниот збор во овој сојуз, оставајќи ја Русија во улога на снабдувач на суровини и помлад партнер.
