Бунт во руски затвор: Затвореници со ножеви ги нападнале чуварите и земале заложници, има жртви
Најмалку еден член на затворскиот персонал загина, а четворица се повредени за време на бунтот во поправната колонија бр.19 во регионот на Волгоград, каде што затворениците земаа заложници, пренесе агенцијата ТАСС.
Затвореници со ножеви нападнале вработени во затворот на седницата на дисциплинската комисија и ги земале како заложници.
„За време на состанокот на дисциплинската комисија во ИК-19 во регионот на Волгоград, неколку затвореници зеле заложници“, соопшти прес-службата на Федералната казнена служба. Според оперативните служби, во нападот учествувале најмалку тројца затвореници, има и повредени, а најмалку еден затворски службеник е убиен, пренесува ТАСС.
Одредени канали наведуваат дека се работи за затвореници кои се членови на терористичката организација Исламска држава. Засега нема потврда за оваа информација.
Според руските медиуми, ранет е управникот на затворот, како и уште три лица. Ранетите, според неофицијални руски медиуми, се префрлени во болница.
Наводно, киднаперите бараат хеликоптер и два милиони долари. За тоа пишуваат телеграмски канали поврзани со руската полиција. Нема официјални потврди за оваа информација.
Поправната колонија – ИК-19 на Федералната казнено-поправна служба на Русија за регионот Волгоград се наоѓа на периферијата на градот Суровикино. Режимот на притвор е строг.
Руските медиуми јавуваат дека специјална антитерористичка единица пристигнала пред затворот и се подготвува за операција за ослободување. Во затворот има околу 1.230 затвореници.