Најмасовниот напад на Украина досега, има мртви, сирените одекнуваат низ целата земја


Најмалку седум лица загинаа во понеделникот во еден од најголемите руски воздушни напади во Украина.
Русија од утрово изврши серија напади, а сирените одекнуваат низ цела Украина. Наводно, ноќта меѓу понеделникот и вторникот Русите почнале да напаѓаат со хиперсонични ракети, а биле пријавени и дронови.
Силите за воздушна одбрана на Украина соопштија дека целата земја е под закана од напади со балистички ракети. Во соопштението на руското Министерство за одбрана се наведува дека прецизно оружје со долг дострел од воздух и море се користело за напади врз електрани и поврзаната инфраструктура низ Украина, вклучувајќи ги Киев, Лавов и регионите Харков и Одеса, пишува Би-Би-Си.
Да потсетиме, ракетите и беспилотните летала што Русите ги испукаа вчера на повеќе од половина од украинските региони ја погодија тамошната електрична мрежа. Русија потврди дека ја нападнала енергетската инфраструктура на Украина и утврдила дека ги погодила сите нејзини наменети цели. Во споменатиот напад беа повредени десетици Украинци, а многу локации останаа без струја.
Низ цела Украина, поради руските воздушни напади, се огласија сирените за воздушен напад, а населението мораше да бара безбедност во засолништата.
Командантот на воздухопловните сили на Украина, Микола Олешук изјави дека Русија истрелала 127 проектили и 109 беспилотни летала кон Украина. Тој тврди дека украинската противвоздушна одбрана соборила 102 проектили и 99 беспилотни летала. Олешук го карактеризира тој напад како „најмасовен воздушен напад“.
Полска соопшти дека „објект“ влегол на нејзина територија за време на нападот. Портпаролот на армијата Јацек Горишевски изјави дека најверојатно се работи за беспилотно летало. Портпаролката на НАТО Фарах Дахлалах го осуди рускиот напад врз Украина и ги прогласи руските упади во воздушниот простор на НАТО како „неодговорни“ и „потенцијално опасни“.
Рускиот напад врз Украина во декември 2023 година, во кој руската војска истрела 158 проектили и беспилотни летала врз цели во Украина, претходно се сметаше дека е најголемиот таков напад што се случил за време на војната во Украина.
Би-би-си пишува дека пораката на Москва била едноставна – руските сили можат да погодат која било цел кога сака.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Русија уништила половина од украинските електрани од крајот на март до јуни. Украина сега купува струја од Европската унија, но количините што ги купува не се доволни за да ги задоволат сите нејзини потреби. Приоритети се болниците и воените инсталации. Киев најави дека одредени делови од земјата на моменти ќе бидат во темнина за болниците и воените објекти да немаат проблеми со пристапот до електрична енергија.
