Магазин

Технологии кои ќе бидат популарни во онлајн игрите во блиска иднина

Онлајн игрите се присутни повеќе од две децении, но нивната популарност не се намалува. Напротив, според многу истражувања, бројот на играчи се зголемува.

Секако, многу работи влијаат на нивната популарност. На пример, подобрувањето на стабилноста како и брзината на интернет конекцијата имаше голем удел. Тука секако ќе ги спомнеме и појавата на различните жанрови на онлајн игри.

Сепак, според многумина, една од најважните работи од овој аспект е брзата имплементација на најновите технологии во овие производи. Во овој наш текст ќе се осврнеме на технологиите кои ќе бидат популарни во онлајн игрите во блиска иднина, за да дознаете што може да очекувате од нив.

Блокчејн и Web3 технологии

Овие модерни технологии веќе најдоа примена во многу казино игри вклучувајќи и десетици слот игри кои нудат примамливи бонуси. Имено, некои од овие наслови можат да се играат со помош на криптовалути кои пак се потпираат на блокчејн.

Но, во поглед на онлајн игрите земено во целина, овие технологии се уште го немаат кажано последниот збор. Па така на пример, со нивна помош во иднина може да очекувате да добиете вистинска сопственост на виртуелните предмети кои ги добивате во текот на играњето. Тука зборуваме на т.н. NFTs, Non-Fungible Tokens односно незаменливи токени.

Со развој на оваа пракса, се создаваат услови за формирање пазари/берзи каде играчи ќе може да продаваат, купуваат, разменуваат и подаруваат предметите поврзани со различни игри и платформи. Со ова потенцијално може да се зголемат вредноста па и примената на овие дигитални добра.

Дополнително, блокчејн технологијата може да донесе модели со децентрализирано управување на игрите. Така играчите ќе можат да влијаат на развојот на насловите како и на нивното ажурирање и надградување.

Вештачка интелигенција

Вештачката интелигенција е омилена тема на многу медиуми. Некои од нив навистина претеруваат со описите на потенцијалот на оваа технологија, но од друга страна има такви и кои се реални во тој поглед. Како и да е, сите може да се согласиме дека ВИ ќе биде присутна во многу онлајн игри во иднина.

Секако, една од областите каде веќе почна да се применува е во компјутерските ликови. Таканаречените NPC (карактери кои не може да ги контролира играчот) на овој начин стануваат поумни. Тие се прилагодуваат на вашиот стил на игра и на вашиот моментален напредок во играта. Со други зборови, стануваат поумни и поинтересни од обичните “ботови” на кои сме навикнати од порано.

Понатака, вештачката интелигенција има потенцијал да стане дел од дизајнирањето на игрите. ВИ може да создава содржина за игрите во развој. Исто така може да ја прилагоди тежината на играта во реално време како и да создаде нови сценарија.

Вреди да се спомене и капацитетот на оваа технологија да го подобри искуството на играчите преку персонализација на елементите од играта. ВИ може и да го предвиди однесувањето на корисниците врз основа на податоците кои ги има од претходните сесии, а може и да донесе динамички развој на приказната базиран на одлуките на играчите во реално време. Ова е особено важно за т.н. игри со отворени светови. Насловите како GTA, Red Dead Redemption и The Witcher дефинитивно би биле уште повозбудливи доколку имате вакви опции на располагање.

Играње во облак (cloud gaming) и компатибилност меѓу различни платформи

Ова се уште два примери на технологии кои веќе наоѓаат примена во реалниот свет, но се уште се во развој. Со играњето во облак насловот кој го играте се зачувува во облак т.е. на далечински сервери за разлика од традиционалното зачувување на напредокот во играта на уредот на играчот.

Со помош на играњето во облак ќе се намали потребата од моќни компјутери како и простор за складирање. Со ова, играњето на онлајн игри ќе стане подостапно и ќе се овозможи инстантно стримање на игри и добивање на надградби. Зголемувањето на брзината на интернетот ќе придонесе за поголем интерес во оваа технологија.

Во однос на компатибилноста меѓу различни платформи односно cross-platform gaming, веќе имаме неколку примери кои се покажаа солидни: Dead by Daylight, Rocket League, Brawlhalla и Among Us.

Со оваа технологија се премостуваат разликите меѓу различните платформи кои ги користат денешните играчи: персонални компјутери, лаптоп компјутери, таблети, паметни телефони и играчки конзоли. Тоа значи дека без разлика кој уред го користите, ќе може да играте со другите играчи кои ја играат истата игра.

5G

Иако неоправдано, појавата на 5G технологијата беше проследена со големи контроверзи. Многумина се сомневаа дека таа го нарушува здравјето на луѓето додека пак други имаа дилеми дали кинеските производители ќе ги искористат 5G уредите за шпионажа.

Откако се расчистија сите дилеми, можеме да кажеме дека 5G има светла иднина во онлајн игрите и може да донесе многу позитивни работи во ова поле.

На пример, оваа технологија има многу пониска латентност споредено со претходните генерации. Со ова секако се добива подобро играчко искуство каде практично нема застој помеѓу потезите кои ги преземате и нивно пресликување во играта. Ова е особено важно во игри со пукање како Counter Strike и Call of Duty.

Онлајн игрите со модерна графика бараат брза интернет конекција. Токму тука на сцена стапува 5G. Со оваа технологија може да бидете сигурни дека нема да ги изгубите ниту најмалите детали на екранот. Деталните текстури и околини како и реалистичните ликови ќе ви донесат визуелно искуство за паметење.

Тука повторно ќе го споменеме и стримањето на игри односно играњето во облак. Играчите кои ќе користат 5G можат да бидат сигурни дека нема да има намалување на квалитетот на аудиовизуелните елементи од играта или пак сецкање (баферинг).

ПР

На почеток