Македонија

Министерот Андоновски во работна посета на Вашингтон, САД

На покана на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, е во дводневна работна посета на САД. Во рамки на посетата, Андоновски ќе зборува на панел-дискусија на тема “Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан”.

GFCE е водечка платформа за меѓународна соработка во областа на сајбер-капацитетите, со над 200 членки од целиот свет, вклучувајќи влади, меѓународни организации, компании и академски институции. На панелот ќе учествуваат и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт департментот на САД.

За време на престојот во САД, на покана на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Андоновски пред студентите по меѓународни студии ќе одржи предавање за “Дигиталната трансформација како алатка за борба против корупцијата и ЕУ интеграција”.

Во рамки на посетата, Андоновски ќе оствари и бројни билатерални средби и посета на успешни ИТ компании во САД.

На почеток