Македонија

Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е поврзан со загаден воздух, велат од УНИЦЕФ

Во Република Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи.

Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор.

„Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето  во текот на целиот живот“, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот. Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што децата учат, живеат и си играат.“

Во документот за политики се посочува дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех.

УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот –вклучувајќи ја и Република Македонија – да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.

Според овие препораки, загадениот воздух и неговите ефекти врз здравјето на децата треба да станат дел од Националните утврдени придонеси (НУП), Националните планови за адаптација (НПА), националните и локалните планови за квалитет на воздухот, и националните здравствени планови; треба да се воспостават зони без загадување околу училиштата, градинките и здравствените установи; треба да се постават и да се одржуваат системи за предупредување во врска со квалитетот на воздухот во близина на станбени згради, игралишта, здравствени установи, градинки и училишта, а јавноста треба редовно да се информира за квалитетот на воздухот.
Понатаму, треба да се размисли како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место за бремените жени. Конечно, товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со пневмококна конјугирана вакцина (ПЦВ) – кој во Република Македонија изнесува 56 проценти, што е многу помал опфатод просечните 86 проценти во европскиот регион на СЗО.

На почеток