Македонија

Андоновски на панел дискусија за сајбер-безбедност во Вашингтон, САД

На покана на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусија во Вашингтон, САД. Темата на панелот беше “Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан”.

GFCE е водечка платформа за меѓународна соработка во областа на сајбер-капацитетите, со над 200 членки од целиот свет, вклучувајќи влади, меѓународни организации, компании и академски институции. На панелот учествуваа и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт департментот на САД.

Во своето обраќање, министерот Андоновски ги истакна неодамнешните чекори на Македонија во областа на сајбер-безбедноста, при што потенцираше дека неодамнешното основање на Министерството за дигитална трансформација е клучен чекор кон посигурна дигитална иднина за нашата земја кое ќе биде столбот на нашите напори за дигитализација и сајбер-безбедност.

Министерот го нагласи значењето на сеопфатниот пристап во спроведувањето на мерките за сајбер-безбедност во регионот:

“Вклучувањето на сите општествени чинители е клучно во нашите напори за подобрување на сајбер-безбедноста во целиот регион на Западен Балкан”, истакна Андоновски. “Безбедноста во сајбер-просторот не познава граници и бара заедничко делување.”

Андоновски ги претстави и плановите за новата Национална стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028. Стратегијата ќе се фокусира на усогласување со директивата NIS2 на ЕУ, заштита на критичната инфраструктура и развој на домашни сајбер-вештини.

“Технологијата носи големи можности, но и значителни ризици”, објасни министерот. “Неопходно е да го уредиме дигиталниот свет за да ги заштитиме правата на граѓаните во оваа сфера.”

Андоновски зборуваше и за предизвиците со кои се соочува земјата, од еволутивната природа на заканите до тешкотиите во задржувањето на стручни кадри. И покрај тоа, тој изрази оптимизам:

“Република Македонија е посветена на градење на цврста и со ЕУ усогласена рамка за сајбер-безбедност. Убедени сме дека со постојана посветеност, меѓународна соработка и современ пристап, можеме да изградиме безбедна дигитална иднина за нашите граѓани и да придонесеме за сајбер-безбедноста на целиот регион на Западен Балкан.”

Учеството на министерот Андоновски на овој значаен настан, организиран од страна на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), ја потврдува заложбата на Република Македонија за унапредување на сајбер-безбедноста и нејзината активна улога во регионалните и меѓународните напори за градење на отпорност во сајбер-просторот.

На почеток