Македонија

Македонците во Албанија бараат од Тирана да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

Единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) со остра реакција до албанската влада, која како што велат, дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.

Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.

,,Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари.”, изјавил за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија”.

На почеток