Македонија

Министерот Андоновски на состанокот на Работната група за критична инфраструктура: Се стремиме кон отпорна дигитална иднина за Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше воведно обраќање на осумнаесеттиот состанок на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура (CICWG). Овој состанок е дел од Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (CIDR), иницијатива поддржана од УСАИД, фокусирана на зајакнување на сајбер безбедноста во клучните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.

„Во ера на забрзана дигитализација и растечки сајбер закани, министерството за дигитална трансформација презема решителни чекори кон зајакнување на националната сајбер безбедност“, истакна министерот во своето обраќање. Тој го нагласи успехот на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура во зајакнувањето на сајбер безбедноста во критичните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии. “Оваа програма е извонреден пример за тоа како меѓународната соработка може да донесе конкретни придобивки за нашата земја,” рече Андоновски.

Министерот ги истакна и предизвиците со кои сè уште се соочува земјата во областа на сајбер безбедноста. Тој ја нагласи потребата од поефикасна заштита на критичните информациски системи, подобрување на регулативата и усогласувањето со европските директиви. “Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите нс критичните сектори. Но, како што работиме на овие иницијативи, нашата нова Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучниот документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети,” изјави Андоновски.

Тој ја сподели визијата за создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество во Република Македонија.

На почеток