Санкции од САД за грчка фирма со подружница и во Македонија, произведувач на шпионски софтвер
САД воведоа нови санкции за компанијата за шпионски софтвер „Интелекса“, предводена од поранешен израелски воен офицер, чија програма овозможува лесен пристап до сите информации зачувани во смартфон. Истрагата утврди дека производите на „Интелекса“ се користат за масовен надзор низ светот, дозволувајќи следење и добивање чувствителни информации од неистомисленици, новинари, политички кандидати и опозициски личности.
Санкциите се однесуваат на петмина поединци и една организација поврзани со „Интелекса“, грчка мрежа на компании со подружници во Македонија, Унгарија, Ирска и Британските Девствени Острови. Оваа компанија разви и продаде пакет алатки за шпионски софтвер познат како „Предатор“, кој овозможува лесен влез во уредите. Програмата потоа дава пристап до камерата и микрофонот, како и до податоците и документите зачувани во следениот телефон.
„САД нема да толерираат промовирање нарушувачки технологии кои ја загрозуваат нашата национална безбедност и ги поткопуваат приватноста и граѓанските слободи на нашите граѓани“, изјави Бредли Смит, потсекретар на Службата за тероризам и финансиско разузнавање.
Неколку подружници на „Интелекса“ и нејзиниот основач Тар Дилијан беа ставени под санкции во почетокот на оваа година од администрацијата на Џо Бајден.
Едно истражување од лани откри дека „Предатор“ бил користен за шпионирање и на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и претседателката на Тајван, Цаи Инг-Вен.