Следуваат нови врнежи во Македонија, проследени со грмежи


Под влијание на веќе споменатата циклонска активност со центар на Југоисточна Европа, која секако влијае на времето и во нашата Македонија, денес во попладневните часови, преку ноќта кон утрешниот ден (петок), како и утре преку ден кај нас ќе има нови повремени врнежи од дожд на повеќе места, и тие ќе бидат со променлив интензитет.
Локално пак ќе се развиваат конвективни грмотевични облаци од кои се очекуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилување на ветерот во зоната на нестабилност. Не се исклучува можноста, локално процесите да бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и со услови за појава на град.
И во Скопскиот регион денес попладне и навечер, како и утре (петок) ќе има појава на повремен локален дожд. Во делови од регионот врнежите ќе бидат поројни и со услови за појава на грмежи, како и со засилување на ветерот во зоната на нестабилност.
Апелираме, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 24 степени, во Скопје максималната температура ќе се искачи до околу 24 степени.
