Македонија

Андоновски повика на соработка меѓу високото образование, науката и индустријата на настан на кој се промовираше македонскиот Дигитален иновациски хаб – ДигитМАК

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го отвори симпозиумот „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата”, настан кој ги обедини клучните чинители од академската заедница и бизнис секторот.

Во своето воведно обраќање, министерот Андоновски ја нагласи важноста на соработката меѓу академијата, индустријата и јавниот сектор во процесот на дигитална трансформација на земјата. „Патот кон просперитетна дигитална иднина лежи во негувањето на цврсти партнерства меѓу академијата, индустријата и јавниот сектор“, истакна министерот.

„Ваквите иницијативи не се само корисни – тие се составен дел на нашата национална дигитална стратегија“. Министерот посебно го поздрави формирањето на македонскиот Дигитален иновациски хаб (DigitMAK), составен од конзорциум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Бизнис акцелераторот УКИМ, Стопанската комора и Фондацијата за менаџмент и индустриски истражувања.

„Владата силно ја поддржува мисијата на ДигитМАК за имплементирање на целна стратегија за градење капацитети и обезбедување услуги со додадена вредност“, истакна Андоновски. Министерот ја нагласи клучната улога на академската заедница во оваа иницијатива: „Нашите универзитети и истражувачки институции се изворите на иновации, обезбедувајќи не само најсовремени знаења и истражувања, туку и негувајќи ја следната генерација на дигитални таленти кои ќе го движат технолошкиот напредок и економскиот раст на нашата нација”.

Андоновски исто така ја истакна важноста на дигиталните иновации за економскиот раст на земјата. „На денешниот глобален пазар, дигиталната иновација не е само опција; тоа е неопходност за економски раст и конкурентност,” нагласи тој. „Со негување на силен дигитален екосистем, ние ги поставуваме темелите за зголемена продуктивност, создавање нови работни места и подобрена економска отпорност”.

Симпозиумот ќе опфати теми како што се претстојните отворени повици за предлог-проекти, европските иницијативи за корпоративни иновации и програмите на Европската банка за обнова и развој. Исто така, ќе биде претставен напредокот во рамките на проектот EuroCC2, кој има за цел да ги подобри европските способности за пресметување со високи перформанси и вештачката интелигенција

На почеток