Свет

(Видео) Евакуација на воз од Франкфурт поради сомневање за лица заразени со вирусот Марбург: тревога во Германија

Полицијата во Хамбург нареди итна евакуација на возот кој пристигна од Франкфурт поради сомнение дека две лица во возот се заразени со вирусот Марбург, објавија денеска германските медиуми.

Патниците се загрижиле бидејќи студент и неговата девојка имале симптоми кои наликувале на тешка настинка, пренесуваат германските медиуми.

Полицијата веднаш реагирала со евакуација на возот и затворање на две железнички пруги на станицата во Хамбург, а набрзо на местото пристигнале и пожарникарите кои даваат дополнителна поддршка.

Како што пишува весникот „Билд“, 26-годишниот студент по медицина пристигнал во Германија од Руанда, каде што бил во контакт со пациент заразен со вирусот Марбург.

Оваа источноафриканска земја моментално се бори со голем број случаи на заразени со овој вирус и според податоците на Министерството за здравство на Руанда, само минатата недела од овој вирус починале осум лица.

Светската здравствена организација наведува дека вирусот Марбург предизвикува треска со симптоми кои вклучуваат грчеви во мускулите, крваво повраќање и дијареа, стапката на смртност може да достигне и до 88 проценти, а вирусот се пренесува со контакт со телесни течности на заразени лица.

Студентот и неговата девојка биле префрлени во болница специјализирана за тропски болести.

На почеток