Македонија

Трајчулески: Во овие 100 дена видовме само специјална соработка со Унгарија и стратешка соработка со ДУИ, ништо друго

Во овие 100 дена видовме специјална соработка со Унгарија и специјална стратешка соработка со ДУИ, ништо друго, нагласи пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески во емисијата 24 Анализа на телевизија 24.

-Историјата се повторува како фарса, ВМРО-ДПМНЕ во 1998 ги доби изборите со ветување дека ќе ја укине Времената спогодба и привремената референца, дека ќе го врати знамето од Кутлеш и такви романтичарски ветувања, од кои ветувања, после не се виде ништо. Во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите со главно ветување дека ќе ја поништи територијалната организација и дека Струга и Кичево ќе ги врати во старите граници и од тие ветувања не се виде ништо. Во 2024 година клучни ветувања во предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ ни се дека Преспанскиот договор не е завршена работа и дека ќе се обезбеди подобра преговарачка рамка со ЕУ. И од овие ветувања нема да видиме ништо, нагласи Трајчулески.

Во однос на економските ветувања, Трајчулевски истакна дека има целосно, класично потфрлање на економските политики на владата.
-Немаме покачување на минималната плата за работниците, просветните работници добија срамни 0,7% покачување, наспроти 12% кои требаше да ги добијат. За прв пат после повеќе години имаме намалување на просечната плата, што јасно ја опишува економската состојба на компаниите и како главно прокламирање, како главно достигнување на владата е кредитот од Унгарија од 500 милиони евра, рече Трајчулески, додавајќи дека СДСМ има сериозна загриженост дека со овој кредит нашата држава ќе биде ставена во политички подредена положба.

Пратеникот Трајчулески нагласи дека главните очекувања се едно големо потфрлање, а наспроти мерит систем, кој го прокламираат владините претставници се гледа силно партизирање на институциите, политички реваншизам во многу институции, како МВР, УЈП, катастар царинска управа и други институции.

Во врска со евроинтеграцијата на државата и раздвојувањето од Албанија на европскиот пат, Трајчулески порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги обезбеди гаранциите, кои им беа предизборно ветување

-Знаеме дека владина делегација отиде во Брисел со предлог плус, не знаеме што значеше тој предлог плус, но знаеме дека беа одбиени од ЕУ. Не може ние до навек да ја имаме блокирано нашата европска перспектива. Ако ВМРО-ДПМНЕ има друг план, треба да излезе и да каже каков е тој план, со кого е тој план и дали тоа ќе значи драстично менување на нашата надворешна политика, нагласи пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески во емисијата 24 Анализа на телевизија 24.

На почеток