Скопје

Јакимовски по кривичната пријава: Oва е политички притисок врз мене како градоначалник

„Постапката е законска, ова е политички притисок врз мене како градоначалник“, вели Стевчо Јакимовски и додава дека тениските терени во Карпош се со чиста документација.

Тој заедно со уште пет вработени во општината добија кривични пријави дека ја злоупотребиле должноста и легализирале времени објекти, што според Јакимовски не е точно, бидејќи тие имале одобрение за градба уште пред 30 години, односно биле дадени од државата на сопствениците на трајно користење преку надоместок.

„Со оваа кривична пријава која МВР помпезно ја најави во јавноста доведени сме во ситуација да објаснуваме дека „воздухот е безбоен“. Што има Фершпед? Го има Александар Палас, а Александар Палас има спортски терени кои ги користи 30 години. Што направила општина Карпош?

Ги легализирала спортските игралишта кои ги користи Александар Палас. Што е важно во овој случај да се знае? Важно е дека законот вели „се легализира се она за што се издава одобрение за градба“. Спортските терени на Александар Палас имаат одобрение за градба уште од 1999 година од Влада на ВМРО-ДПМНЕ и истите се изградени по таа скица и за тоа се платени комуналии.

Тоа што друго е важно, е што овие објекти се сопственост на Александар Палас, но во тој период не биле запишани во Катастар, па се воделе како „сопственост со незапишани права“. Бидејќи дозволата им била истечена, во 2016 година одлучиле да ги впишат во Катастар користејќи го Законот за легализација и покренале постапка за негова легализација. За легализацијата општината му наплаќа по втор пат комуналии, сега 170.000 евра“, вели Јакимовски.

„Важно е да се знае дека земјиштето не е државно, туку е дадено на користење на Фершпед од страна на државата со надоместок. Повторно тоа го направила влада на ВМРО-ДПМНЕ. МВР тврди дека објектите се времени, а јас морам да им кажам дека слабо ја познаваат оваа материја. Ако објектите се времени, на документот треба да стои „Решение за поставување на времен објект“, а овие терени не се времени затоа што на нив се прави градба. Тоа е исто како кога градите куќа, паркингот што го правите надвор се води како вон етажен упис во Катастарот.
Исто така многу е важно да се знае дека законодавецот смислил повеќе нивоа на одбрана од евентуална можна грешка при процесот на легализација. Прво, геодетот што го правел елаборатот не можел да отпочне со изработка на геодетски елаборат ако кај него во правилникот не стојат ваков тип на објекти. Второ, кога легализираните објекти ги предаваме во Катастар тогаш прво предметот го гледа геодет и гледа дали е се согласно закон, а потоа го гледа нивен правник. Ако предметот има било каков проблем со законитоста Катастар ќе го даде на поништување, на доработка, или ќе побара носење на нови документи.

На крајот, Градот Скопје ги пресметува комуналиите. Ако има било каков проблем Градот ќе сигнализира. Јас и моите колеги одговорно тврдиме дека овде постапката е спроведена согласно законските прописи и дека нема никаков правен пропуст и дека ова е само еден обичен обид политички да се влијае пред локалните избори. Тука не се цел на напад моите пет колеги кои се наведуваат, туку јас како градоначалник. Во исто време сакам да кажам овие мои колеги што работат за 30.000 денари апсолутно е нечовечки да им се валкаат нивните имиња, да се вознемируваат нивните семејства, да им се прават стресови како што им ги направија“, кажа градоначалникот на Карпош.

Тој го повика Обвинителството побрзо да се расчисти случајот.

„Ние сакаме што е можно побрзо да седнеме со обвинителството и да го расчистиме овој случај, а колегите кои што работеле на сите овие предмети инсистираат дека нема повеќе да работат на предмети за легализација додека овој предмет доставен од МВР до обвинителството да се расчисти, односно додека не се докаже вистината.

На крајот уште една работа. Нели е чудно од 83 општини во Македонија, само во Карпош да има проблем со легализација. Нема проблем во Охрид, родното место на министерот за транспорт и врски, Нема проблем во Велес, родното место на министерот за внатрешни работи. Нема никаков проблем во Тетово, Чаир, Гостивар, Струга… Никаде нема проблем, само во Карпош. А истите овие луѓе од Карпош се обучувачи за спроведување на Законот за легализација, од Карпош другите луѓе бараат мислење при решавање на комплицирани објекти. Јас одговорно тврдам дека овие луѓе се професионалци, кои одлично си ја познаваат својата работа, и не заслужуваат од било кого ваков третман.

На крајот, сакам да кажам дека ова е управна постапка. Ако било кој сметал дека општината погрешила, можел да достави до нас мислење дека предметот е несоодветно решен и дека треба да се поништи. Ние во тој случај ќе го разгледаме предметот и ќе донесеме одлука. Ако сметаме дека сме во право, ќе го отфрлиме барањето, ако сметаме дека сме погрешиле ќе ја поништиме постапката и оштетената странка во тој случај ќе си го бара своето право во второстепена владина комисија и Управниот суд. Тие не постапиле вака. Наместо да прават циркузи со кривични постапки, ако биле сигурни зошто не дошле да побараат поништување на предметот и да видиме на Управен суд дали нашето решение ќе опстане или нивното политичко мислење“, додаде градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

На почеток