Македонија

Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште, истражување на ЦГК

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“ во кое открива дека „oпштините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште“.

Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди:

– Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници.

– Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби.

– Цената за 1 м2 државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18.400 денари (од 1,2 до 299 евра). Просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по 4 потенцијални купувачи.

Имајќи го ова предвид на општините им се препорачува:

– Да ги објавуваат одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата на своите веб-страници, исто така и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот.

– Зголемувањето на транспарентноста на целиот процес на продажба на државното градежно земјиште треба да придонесе кон зголемување на довербата на граѓаните во процесот и, воопшто, во секторот градежништво, каде што изминатите декади се наталожија сериозни проблеми и овој сектор стана еден од најподложните на корупција.

На почеток