Македонија

Талкајќи по одговор за починатиот син, Лешко добија нови удари: Ни викаа да се јавиме за два-три дена, па потоа „ако досаѓаме имаат право на кривична“

Родителите на Љупчо Лешко, кој почина на приватна забава, а за кого три месеци нема обдукциски наод и причина за смртта, го демантираат директорот проф. д-р Александар Станков кој кажа дека биле на разговор во Судска медицина. Тие за „Скопје1“ тврдат дека била повикана само нивната ќерка, но не за причината за смртта. Раше Лешко, татко на починатиот Љупчо, посочува дека заканите за кривична пријава дошле откако самите вработени им укажувале да се јават за некој ден, за да добијат информации.

„Како одговор на изјавата на директорот на судска медицина сакам да ви потврдам дека ние како родители никогаш не сме биле физички во судска медицина, туку од страна на доктор беше повикана нашата ќерка на информативен разговор само околу срцето на нашиот син, но не и за информации за причината за смртта, што беше изречито кажано од истата докторка. Понатаму, ако зборовите “Дека ако повторно пратиме блиско лице, или досаѓаме по телефон, дека како службено лице вработено во таа институција има право да поднесе кривична пријава за вршење притисок и мешање во истрагата не е закана, тогаш не знам што е, ама укажување секако не е. Ако прашањата дали има резултати се мешање во истрагата или вршење притисок, во ред, ќе прифатиме. Сепак мислиме дека не се. И ако е така тогаш би го замолил директорот да им укаже на неговите вработени, кога ќе се јавиме да не ни викаат јавете се за два дена, три дена, другата недела и.т.н. Нашата ќерка беше таму и имаше краток разговор за кој она ќе ви пише и ќе ви каже каков одговор добила“, вели Раде Лешко, татко на починатиот Љупчо.

Стефанија Лешко, сестра на починатиот Љупчо, која била во Судска медицина, раскажа за ситуацијата.

Јас сум Стефанија Лешко,сестрата на покојниот Љупчо Лешко.Пред се’ од срце се заблагодарувам за Вашата ангажираност околу случајот со мојот за жал,прерано починат брат.На ден 27.09.2024 отидов во судска медицина и на приемен шалтер ја побарав докторката. Потоа, излезе доктор кој рече дека докторката не е тука и дека може да му се обратам нему со прашање бидејќи и тој е дел од обдукцијата на мојот брат. На почетокот немав баш прием како за лице кое дошло на Судска медицина да праша за свој член бидејки имав нервозен испад од докторот (причина: сум ја побарала докторката? најверојатно) иако јас не ни знаев дека освен докторката има и друг(и) кои работат на случајот. Бев прашана: која сте Вие за да ви дадам информации, а по моето претставување се беше поинаку. Прашав кога ќе биде извештајот и кога докторката ке биде на работа по што добив одговор “па би требало при средината на следната недела,евентуално вторник или среда јави се”. Тоа беше моето единствено физичко присуство на Судска медицина, бидејќи сум дополнително ангажирана и со факултетски обврски кои бараат временски и психички влог од мене“.

Таа додава: „Замолувам да не ни се става сол на раната,единствено по кое што трагаме е вистината за нашиот најсакан. Притисок не може да биде прашање за “кога би било готово,па нели е предолго да чекаме” или одредени прашања поврзани со искази на наши сведоци. Одговорно тврдам дека во ниеден случај не сме наметнувале што да се пише, не сме се заканувале и не сме биле некултурни кон вработените во Институтот за судска медицина. Во последниот наш телефонски разговор со докторката реков “би сакала да се видиме,да се запознаам со Вас и да разговараме околу можното генетското преоптоварување со хипертрофична кардиомиопатија, а извештајот кога биде-нека биде”.

Родителите во поткастот „Претрес со Ландов“ раскажаа како нивниот син бил заведен дека починал од струен удар во приватна вила каде бил ангажиран на забава како диџеј, за потоа, како што велат, да им кажат дека можеби и не е струен удар. Талкаат по одговори и посочуваат дека не бараат вина, но доколку некој има – треба да одговара пред законот. Директорот на Судска медицина, Станков, за „Скопје1“ посочи дека родителите неколкупати се јавувале, а дека лицата само им укажале, а не дека се заканиле, дека вршење притисок е кривична одговорност.

„Нема закана, туку укажување“ – судска медицина под притисок од прашања, Лешко три месеци ја чека обдукцијата за починатиот син

На почеток