Подигнати 50 кубни метри непрописно одложен отпад во скопските општини Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше повеќе активности за отстранување диви депонии во чиишто рамки се подигнати и транспортирани приближно 50 кубни метри отпад одложен на јавни или сообраќајни површини.
Активностите се одвиваа во неколку скопски општини, така што во скопската општина Центар – на булеварот Мајка Тереза (Водњанска) е отстрането поголемо количество кабаст и градинарски отпад одложени на тротоарот во непосредна близина на ООУ „Кочо Рацин“. Во оваа скопска општина е интервенирано и на улицата Васил Ѓоргов, велат од Комунална хигиена.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје расчистија и обемна дива депонија лоцирана веднаш до ООУ „Васил Главинов“ на улицата Џон Кенеди во општината Чаир, а подигнати се и околу 15 кубни метри непрописно одложен градежен отпад во близина на трговскиот центар „Мавровка“, соопшти Комунална хигиена.