Соработка на Народната банка со Банката на Португалија во Програмата на ЕУ за зајакнување на системите за известување податоци
Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ, започна спроведувањето на билатералната мерка помеѓу Банката на Португалија (БП) и Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ). Главната цел на билатералната мерка е зајакнување на институционалниот капацитет за понатамошен развој на тековниот проект за интегриран систем за известување податоци за банките и штедилниците, за статистички и супервизорски цели (ИСИДОРА).
Експерти од БП и претставници од различни организациски единици на Народната банка се состанаа во Скопје на првата последователна мисија. Експертската мисија беше фокусирана на споделување на искуството на БП со Програмата за интегрирано управување со податоците, во однос на нивниот модел на управување со податоците, улогите и одговорностите, подобрување на писменоста за податоците преку училиштето за податоци, воспоставување склад на податоци и архитектура на податоци, каталог на податоци и слично. Експертите од БП активно ги споделија своите знаења и искуства за процесот на спроведување и најдобрите практики во доменот на управувањето со податоците во областа на статистиката, што ќе бидат корисни насоки за понатамошните проектни активности на НБРСМ.
Втората фаза од оваа Регионална програма финансирана од ЕУ започна во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската унија (ЕУ) издвои 3 милиони евра за Програмата од нејзиниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).