Сиљановска Давкова ја прими заменик извршната директорка на UN Woman, Њараѕаи Гумбонзванда
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими заменик извршната директорка на Агенцијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, UN Woman, Њараѕаи Гумбонзванда.
На средбата беа разменети мислења за постигнатиот напредокот во земјава во однос на родовата еднаквост, ефикасноста на стратегиите за борба против родовото насилство, можностите за економско зајакнување на жените, зголемување на нивната застапеност на лидерски позиции, предизвиците со кои се соочуваат жените од маргинализираните заедници, како и за соработката со UN Woman.
Соговорничките се согласија дека еднаквото учество на жените во креирање на политиките, како и во областите на одбраната, безбедноста и меѓународните односи е од суштинско значење за инклузивен и одржлив развој. Во тој контекст беше истакнато дека родовата нееднаквост е повидлива на локално ниво, каде жените кои се стремат за лидерски позиции се соочуваат со бројни бариери кои произлегуваат од патријархалните вредности и родовите стереотипи. Воедно, беше посочено дека се неопходни поголеми инвестиции и во програмите наменети за создавање поправеден пазар на труд, односно рамноправност и еднакви можности меѓу жените и мажите на пазарот на труд.
Со цел унапредување на родовата еднаквост и подобрување на статусот на жените во сите области од јавниот и приватниот живот, претседателката истакна дека земјава ќе продолжи со целосно усогласување на националните стратешки документи со Агендата за одржлив развој 2030 и со Цел 5 за одржлив развој: Родова еднаквост.
Во разговорот со Гумбонзванда, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна нејзината целосна посветеност на подигање на свеста за прашањата за родовата еднаквост и изрази поддршка на иницијативите кои го унапредуваат севкупниот статус на жените во македонското општество. Таа изрази уверување дека блиската соработка со агенциите на ОН и UN Women ќе продолжи и ќе се продлабочи и во иднина, со цел обезбедување на родовата еднаквост меѓу приоритетните задачи на националната агенда.