Скопје

Градоначалникот Герасимовски ги повикува граѓаните на буџетски форум за 2025 година

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува сите жители на општината да учествуваат на буџетскиот форум за 2025 година, кој ќе се одржи во понеделник, 21 октомври 2024 година, во ООУ „Ј.Х. Песталоци“ со почеток во 19 часот. Овој форум претставува можност граѓаните директно да влијаат врз креирањето на општинскиот буџет, предлагajќи проекти и идеи кои се приоритетни за нив.

„Транспарентноста и отчетноста се клучни принципи на нашето работење. Секој предлог на нашите жители има вредност, а учеството на форумот ќе ни овозможи заеднички да донесеме решенија што ќе ги задоволат реалните потреби на општината. Ова е шанса граѓаните да го креираат својот начин на живеење во Центар“, изјави Герасимовски.

На форумот општинските сектори ќе ги презентираат и капиталните проекти кои се планирани за следната година, но и резултатите од проектите реализирани во изминатите три години. Преку овие дискиусии ќе се овозможи на граѓаните да имаат увид во напредокот и да дадат свои предлози за понатамошни подобрувања. Општина Центар останува посветена на процесот на вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки, со цел да се обезбедат проекти што директно ќе ги подобрат условите за живот во населбите.

„Очекуваме конструктивни предлози и идеи, бидејќи сите заедно сме одговорни за квалитетот на животот во нашата општина“, додава Герасимовски.

На почеток